Град Скопје ќе преземе разни акции за разладување на граѓаните, во зависност од временските услови (како пунктови за разладување), но една од нив нема да биде фрлање на индустриска сол по улиците по примерот на Општина Кавадарци.
Прашан дали овој метод ќе се примени и во Скопје, Шилегов на новинарите им рекол: „Ве молам, на такви евтини финти да не паѓате“, пренесува „Вечер“.
Веста за фрлање сол по улиците можеби навидум звучи лудо, но ја објави самата Општина Кавадарци, и тоа со наслов: „Општината кавадарци со нови технологии го штити градскиот асфалт“, при што е посочено дека со тоа што истурила индустриска сол врз прегреаниот асфалт две кавадаречки сообраќајници, општината ги следи европските принципи на работење во справувањето со последиците од високите температури.
Како што објаснуваат оттаму, иако ова е метод кој обично се користи во зима против подмрзнување на асфалтот, истиот се покажал ефикасен и за разладување и намалување на температурата на врелиот асфалт. Солта ја привлекува влагата од воздухот и ја привлекува кон асфалтираните површини, со што се разладуваат патиштата и се спречува пукање на асфалтот и создавање нерамнини, велат од Општината.