Катица Јанева побарала од вработените во ИТ-секторот да спроведат т.н. „форензичко бришење“ на компјутерите во Специјалното јавно обвинителство, дознава „360 Степени“ од извори во СЈО. Наредбата од Јанева била дадено усно и, според изворите на „360 Степени“, веќе биле преземени подготвителни активности за да се спроведе. Постапката требало да ги опфати сите компјутери во ова обвинителство.
Барањето за бришење на компјутерите се случува во период во кој ОЈО за гонење организиран криминал и корупција води истрага во случајот „Рекет“ во кој засега не е осомничена, но е имплицирана и шефицата на СЈО, Катица Јанева. Иако постапката на „форензичко бришење“ нема да ги загрози документите што постојат во компјутерскиот систем на СЈО, сепак, неповратно ќе ги избрише податоците за тоа на кој компјутер, во кое време, од кое лице, што било работено.
Токму поради ова упативме две прашања до службата за односи со јавност на СЈО:
Која е причината да се нареди „форензичко бришење“ на компјутерите во СЈО?
Дали со тоа трајно ќе се изгубат информации за тоа што е работено на компјутерите, а тие податоци може да бидат драгоцени за истрагата што ја води ОЈО за гонење организиран криминал и корупција (случај „Рекет“) или за некои идни постапки?
Нашите прашања беа примени во СЈО околу 14:30 часот (сабота, 27 јули), но до овој момент немаме одговор.
Изворите на „360 Степени“ велат дека вакво барање од Јанева стигнува првпат во речиси 4-годишното постоење на СЈО.
По неколкудневен молк и отсуство од јавноста откако ОЈО за гонење организиран криминал отвори истрага за „Рекет“, Катица Јанева во вторникот се врати на работа во СЈО. Во изјавата за медиумите, по која не беа дозволени новинарски прашања, таа негираше вмешаност во случајот и рече дека нејзиното име било злоупотребено не само од Бојан Јовановски туку и од други лица.
„360 Степени“ објави преглед на случувањата поврзани со случајот „Империја“ за кој, според сознанијата, се тргувало со влијанија, во кој два моменти се особено индикативни:
Излегувањето на осомничените во „Империја“ (Јордан Камчев, Цветан Панделески, Сашо Мијалков…) од затворски во куќен притвор неколку дена пред Нова Година и тоа на предлог на СЈО;
Интервјуто на Јанева за 1ТВ од 13 март 2019 г. во кое најавува спогодби во некои покрупни предмети.
Според сознанијата од истрагата, рекетот од 8 милиони евра бил побаран (не се исплатени сите пари), првично за излегување од притвор, а потоа и за затворање на истрагата со спогодба меѓу дел од осомничените и СЈО, со што тие не би оделе во затвор.