Прво полугодие – Од капиталните инвестиции реализирани само 20 отсто

Лошото и долго планирање, бавната администрација и неефикасноста на системот ги заглавија капиталните инвестиции. Во годината што на стартот беше прогласена за најекономска, нивната реализација е очајна. За половина година се потрошени само 20 отсто или една петина од парите за патишта, енергетика, водоводи и училишта, или, само 86 милиони евра од предвидените 422, говорат бројките на Финансии. Со вакво темпо, изгледа како илузија дека во следните шест месеци ќе се вложат дури 336 милиони евра.

Како една од причините експертите ја лоцираат и наследената политичка криза што ја урна довербата во институциите, но и се уште присутните политички турбуленции и промените во раководните и менаџерските структури.

„Ако ги видите одредени проекти, ќе видите дека има поголемо планирање, се планираат и проекти за кои неколку пати се менуваат плановите, а едно менување на проектите ги продолжува проектите за 3 до 6 месеци, некогаш и до цела година. Потоа, се чека на дозволите од животна средина, од транспорт и врски, сето тоа кочи во секој момент, системот во одреден момент затајува“, вели Борче Треновски, универзитетски професор.

Политиката да ги тргне рацете, препорачува, но и да се утврдат приоритетни проекти. Ако треба да се изменат и одредени закони за да забрзаат инвестициите, но и во реализацијата повеќе да се вклучат општините.

„Најголемиот дел од капиталните инвестиции се реализира преку централната власт, општините многиу малку се вклучени и многу малку поминува преку локалната власт, а услугите и приоритетите за граѓаните се артикулираат преку општините, но и тука ќе се соочиме со способноста на локалната администрација да го артикулира тоа“, вели Треновски.

Од Владата очекуваат до крајот на годината да се реализираат поголемиот дел од капиталните вложувања.

„Само во последниот месец пораснаа за 10 отсто. Ние сме не анив посветени, тендерските постапки се во еден добар дел завршени. Јас очекувам во преостанатиот дел од годината тие интензивно да се реализираат, така да очекувам дека оваа година ќе имаме добра реализација на капиталните инвестиции, барем во просекот на тоа што било во последните десетина до 15 години“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Овие потфрлања се најавуваа и како главни причини за реконструкцијата. И минатата година беше слаба реализацијата на капиталните инвестиции, па со ребалансот од нив се скратија 100 милиони евра. За годинава ребаланс се најавува за наесен.

Нина Нинеска Фиданоска за Телма

- Реклама -