„Јас се срамам што сум дел од ова Собрание. Апсете ме слободно, еве го повикувам министерот Спасовски да го стори тоа. Да се избришат постапките на Милошевиќ, па вие премиере Заев треба да се засрамите“, порача координаторот на пратеничката група на ДУИ – Ејуп Алими, во обраќањето на вчерашната седница за пратенички прашања, бурно реагирајќи поради завчерашното апсење на поранешниот припадник на ОВК – Томор Морина.
Морина беше уапсен на граничниот премин Блаце, по распишана меѓународна потерница на Интерпол од страна на соседна Србија. Притоа, судот му одреди мерка притвор од 30 дена. За Морина е побарана и екстрадиција, за која ќе одлучува надлежното Министерство за правда.
Алими, од друга страна, е обвинет за изборни манипулации заедно со Исмет Гури, со кој се осомничени во предметот „Титаник 3“ на СЈО. Тогашниот секретар на Општинската изборна комисија Чаир – Исмет Гури и Ејуп Алими – кој во тоа време бил невработен, се обвинети дека кривичните дела ги извршиле по првиот круг гласање за избор на градоначалник на општина Чаир, во март 2013. Гури, како службено лице, и Алими, заедно со други сведоци, преправиле над 30 записници за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето од повеќе избирачки места, пишуваше „Ако.мк“.