Игри на тетратка од нашето детство, она во 90-тите

Сите го паметиме другарчето кое седеше до нас во основно, и сите ние се сеќаваме на незаборавните игри со кои ја убивавме досадата за време на часовите.

Да се потсетиме на игрите кои беа играни во нашите тетратки, кои го исполнија нашето детство:

Авиони

Ова е игра во која на лист хартија, се цртаат 5 авиончиња. Листот е поделен на средина, а целта е да го погодите авиончето на противникот. Не мора да се каже дека кој прв ќе ги погоди сите противнички авиони победува.

Како се гаѓа? На вашата половина од листот цртате точка и ја повторувате убаво за да се отцрта од другата страна. Го преклопувате листот и ја повторувате истата точка од надворешната страна.

Таа точка остава траг на местото на кое што сте погодиле.

Пожелно е оваа игра да се игра со две различни пенкала (со различна боја).

Икс-нула

Едноставно, ова е класика. Се работи за најнормалната икс-нула која најчесто се играше или на табла или во тетратка. За оние кои не знаат или не се сеќаваат (ако постојат такви…) оваа игра се игра на следниов начин:

Едниот играч ги запишува иксовите, а другиот нулите, на полето кое е во форма на тараба. Кој прв ќе успее да поврзе три икса или три нули, победува.

Брза географија

Една од најосновните друштвени игри во основно школо (па можеби и понатаму), за оваа игра ви се потребни листови, пенкала и знаење.

На листовите, најпрво се внесуваат неколку категории за кои ќе се договорите дека ќе бидат опфатени, а потоа се влечат букви, и треба да напишете по едно име во секоја категорија за дадената буква. Потоа следи бодувањето.

Бесилка

Уште една класика (не дека не се сите) на оваа листа. Најубаво се игра кога пред да започне играта ќе се договорите за категориите кои ќе бидат опфатени, а потоа знаете како оди… играчот кој го смислува поимот треба да нацрта празна бесилка и да внесе онолку празни цртки колку што има букви зборот.

За секоја промашена буква на неговиот противник му се црта дел од телото на бесилката, а кога ќе се нацрта цело човече, погодувачот губи.

Погоди кој сум

Можеби не се игра на тетратка, но може да ја вброиме во овој тип на игри кои ги обожававме како деца, а за неа ни требаше само хартија и пенкало.

Најпрво се определува категорија од која играчите ќе бираат луѓе. Потоа еден од групата замислува личност, ја запишува на ливче и ја лепи на челото на оној кој треба да погодува.

Човекот кој има ливче на чело прашува разни прашања, додека другите му одговараат со „да“ и „не“. Редот не се менува додека човекот не го погоди точното име и презиме кое му е напишано на челото.

- Реклама -