Хрватска ќе биде ослабена за претстојниот дуел од квалификациите за СП 2014 против Македонија откако беше обелоденето дека Ивица Олиќ нема да може да настапи за „Коцкастите“ на овој натпревар.
Искусниот голгетер поради болки во пределот на тетивата го пропушти и последниот меч на Волфсбург, на гостински терен против Шалке, а по консултациите со клупските лекари реши да не ризикува и да ги пропушти следните две квалификациски средби, со Македонија и со Велс.
„Разговаравме со Олиќ, којшто веќе извесно време влече незгодна повреда. Лекарите му препорачале целосно мирување, па сигурно најдобро е тој да ги пропушти овие средби. По консултациите со стручниот штаб, решивме да не повикаме дополнителен фудбалер на негово место“ соопшти селекторот Штимац.
Исто како македонските, така и хрватските репрезентативци денеска го имаа првиот собир пред петочниот дуел во Скопје. Кај нив владее оптимизам дека ќе се прикаже подобра игра отколку на мечот во Загреб и дека Хрватска повторно ќе дојде до цел плен против „Црвено-жолтите“.
„Македонците заслужуваат респект и ништо повеќе. Тие не сакат да загубат, додека ние ќе инсистираме на победа. Можеби не станува збор за ривал со преголемо реноме, но сигурно нема да го потцениме, ќе дадеме сѐ од себе за да ги освоиме трите бода“ изјави Милан Бадељ, играчот за врска што летово од Динамо Загреб се пресели во Хамбургер.