Дали сега Преспанскиот договор ви е добар? Ова прашање поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас директно му го постави на својот наследник Мицотакис на првиот ден парламентарна расправа за доверба на грчката влада.
Ципрас му забележа на Мицотакис дека кога бил во опозиција активно работел на рушење на компромисот меѓу двете земји, а сега според однесувањето на новиот грчки премиер и неговите, може да се заклучи дека тие комплетно го прифаќаат Преспанскиот договор. Одговорот на лидерот на Нова Демократија пак покажа дека Грција и дефинитивно ќе бара конструктивност и соработката меѓу Скопје и Атина, а од тоа ќе зависи и дали Грција во иднина ќе го забавува напредувањето на земјава кон ЕУ.
На Балканот, како што имаме кажано во неколку наврати, приоритет е да се ублажат негативните последици од спроведувањето на Договорот од Преспа. А главната точка овде е развојната програма за северна Грција, заштита на македонските производи и голема меѓународна кампања за нашата Македонија. И сакам, одново да пратам една порака во и вон Грција: од однесувањето и добрата соработка на нашите соседи ќе се оцени нивниот тек кон Европската унија, рече Мицотакис.
И премиерот Заев е свесен дека ќе мора да соработува со новиот грчки премиер. Тој во интервју за грчката телевизија АЛФА кое е направено три дена пред изборите на Грција вели дека Мицотакис е искусен политичар и сигурно ѝ мисли добро на својата земја, но и на своите соседи.
Ги имам следено внимателно ставовите на господинот Мицотакис, секако неговиот коментар дека договорот не е добар ни е познат. Договорот, веројатно ако гледаме низ призмата на двете земји можеби подеднакво не е добар или подеднакво е добар. Јас верувам дека сите заедно ќе гледаме напред, нема да се враќаме назад. Господинот Мицотакис е искусен политичар и сигурно ѝ мисли добро на својата земја и на своите соседи, па и на целиот балкански регион, вели Заев во интервјуто направено пред изборите во Грција и пред Мицотакис и официјално да стане премиер на земјата.
Во меѓувреме двете држави ги спроведуваат обврските кои произлегуваат од преспанскиот договор, но се уште не е најавено дали и кога ќе биде остварена првата средба меѓу Заев и Мицотакис.