Гари го населиле храбри и гостопримливи луѓе. Се чувствувате добре дојдени во секое време. Особено им е задоволство да слушнат дека сте прошетале во планината, сте ги посетиле тие интересни места што се гордост за гарци.
Свеж и чист воздух, температура многу пониска од таа во урбаните средини, жубор на вода и неверојатна вегетација – убавина што ја нуди Македонија, а малкумина ја користат.
Велат мијачкиот крај е еден од најубавите краишта во земјава. Причини да се посети местото во пазувите на Бистра и на Стогово има многу. Недопрената природа на 1.100 метри надморска височина е вистинско место за одмор, но, како што велат старите гарци, само за тие што знаат да уживаат и ја сакаат природата.
Гари живее во лето. Во зима живот има во две-три куќи. Но во лето гарци се враќаат дома. Дел од куќите се сосема нови или обновени, во препознатливиот и оригинален охридско-крушевски стил на градење. Речиси секоја куќа е полна и отворена за тие што решиле да го посетат селото.
Селото со околу 100 куќи плени со својата интересна архитектура, кладенците со студена вода, интересната поставеност под падините на двете планини. Порано ова било збиено село, покрив до покрив. Денеска бројот на куќи е намален, но парцелите никој не ги продава.
Насекаде околу Гари има поставено клупи на кои може да уживате во убавиот поглед. Над селото се наоѓа крст, каде што на клупите често ќе сретнете луѓе што уживаат во убавата глетка. До него се доаѓа лесно. Гарци раскажуваат дека е подарок од нивни земјак.
Во падините на Стогово, на околу три километри од селото се наоѓа интересна црква „Св. Петка“. Патот кон неа ќе ве одушеви. Го слушате жуборот на реката, поминувате кон интересни изворчиња, кои, буквално, извираат од камењата, зеленило, интересна вегетација. Самата црква е сместена во зеленило, долу под патот. Клупи за седење, чешма со студена вода, камбанарија…
По патот од црквата кон врвот на планината се наоѓаат бачилата. Таму се прави вкусното гарско сирење. Овде може да пробате и леб печен под сач, како и овчо млеко.
Селаните раскажуваат дека порано имало 25.000-30.000 овци, се правел најубавиот кашкавал, со миризба што се ширела низ целото село. Кашкавалот завршувал на американскиот пазар.
Ова е само дел од тоа што може да се види во Гари и да се слушне од неговите селани. Веќе две години во селото постои вила во која можете да преспиете, да јадете вкусна традиционална храна, да пробате гарска пастрмка. Останува само да го посетите селото и да ја почувствувате убавината, која не се опишува. И, секако, да го послушате дедо Блажо – оставете го лаптопот, доживејте ја планината.