Денеска (19 јуни), во Јавна соба, со почеток од 21 часот, ќе се одржи промоција на новиот албум и спот на Чалгија саунд систем, насловен „Тихувај“. Евентот на Фејсбук ќе го најдете на следниов ЛИНК:
https://www.facebook.com/events/199360314277099/
Тихувањето во православието е облик на молитва или медитација… вртење на вниманието кон внатрешниот свет во обид да се досегне до божественото… состојба на блажена и чиста свест… постоење скриено длабоко во нас… сознание произлезено од зборовите напишани во Евангелието по Лука: „Царството Божјо е внатре во вас“ (Лука, 17:21).
Големите вистини не се осознаваат во бука. Напротив… секое просветлување се доживува во тишина.
Нашето тихувај носи во себе насока што му ја даваме на слушателот: кажување на глаголот слушај, ама со спокојна душа додека му ја раскажуваме љубовната приказна на двајца кои копнеат еден за друг, на двајца притиснати во себеси додека светот го живее својот живот и си ја создава сопствената вистина.
Тихувај е тематски албум. Албум дијалог; дијалог меѓу двајцата протагонисти од нашата најпозната приказна напишана од Марко Цепенков, Силјан Штркот. Зедовме неколку важни животни точки од животот на македонскиот Одисеј и од нив направивме музички парчиња. Разделбата, моментите на осаменост и болка кај двајцата, моментите на патување и промената сочинета од нив, темата на омудрувањето, лицето на ласкавците и нивните лаги и конечно, смирението кое стасува токму во точката од каде што се тргнува: од себеси, во себеси… дома…
Албумот го доби својот облик од 9 композиции, односно 40 минути музика чијашто инспирација беше нашата изворна музика и фолклор, но слушнати, протолкувани и прикажани на современ начин. Ги искористивме сите алатки на електрониката и ги вметнавеме во изворот од којшто секогаш се вдахнуваме: македонската традиционална чалгија. Овој пат ви откриваме како ние лично ја сфаќаме и на кој начин ја развиваме нашата музика давајќи ѝ со тоа правец каков што мислиме дека треба да заземе. Направивме современа музика, исвирена на традиционални инструменти, ја надградивме со електроника и напишавме современи стихови на македонски јазик.
Мелодијата на оваа тишина ја чуја и ја пренесоа: Добрила Грашеска, Дориан Јовановиќ, Александра Кузман. Текстовите ги напиша Добрила, аранжманите се на Дориан, Александра, Бошко, Филип и Добрила. Материјалот се снимаше, миксаше и мастерираше во студиото Профундус. Обликот го дополни гудачкиот квартет Вива Стрингс и Ада Јовановиќ Дума – вокал на 9.
„Кога мислите ќе ви се успокојат и светот околу вас ќе се примири, тогаш кроце ќе се подотвори вратата на оваа музика и ќе ве однесе во еден друг свет обликуван од нас. Тихувајте додека ја слушате; ќе откриете дека се работи за нешта кои ги знаете, ама си ги кажувате во тишина…“