„Јас не би можел да го замислам мојот живот во позиција во која би бил молчелив. Не би можел да ја замислам мојата иднина кадешто би оставил нештата за кои толку долго се борев и се залагав – едноставно да се случуваат покрај мене, покрај нас. Кога велам ‘нас’, мислам на мене и моите пријатели, борци“, одговори денеска по обраќањето од собраниската прес-сала (екс)пратеникот Павле Богоевски на новинарско прашање за тоа каде се гледа во следниот период.
„Не можам да кажам што ќе биде точно со Павле Богоевски, но можете да бидете сигурни дека борбата ќе продолжи. Единствено што ќе биде различно е што отсега натаму таа борба нема да биде институционална туку вонинституционална. Бидејќи, видете, активизмот (за човекови права, за слобода, за правда) е борба на вредности. Еден е пристапот кога сте активист, а друго е политиката. Политиката и институционалната работа е борба на компромиси. Таму веќе не доаѓа на сцена само тоа колку ви се силни вредностите, туку и колку сте способни да направите компромис. Бидејќи политиката, како што вели министерот Димитров, е умешност на можното, и компромисот е тој којшто од вашата вредност води кон можното решение коешто би требало да биде најдобро за граѓаните на оваа република. Но како и да е, се враќам на арената на вредности, се враќам на активистичката арена, и во секој случај не планирам да бидам молчелив во идните предизвици со кои ќе се соочи нашата држава. А ќе ги има такви“, додаде тој.
Новинарите се надоврзаа на овој одговор, па Богоевски беше прашан и дали има нешто од периодот на неговиот пратенички мандат за кое ќе зажали, односно дали има одлука за која би се покаал и која му била најтешката.
„Освен (што зажалив) за самото тоа што бев пратеник?“, се пошегува низ смеа Богоевски.
„Не, воопшто не жалам за тоа“, продолжи тој, додавајќи дека политиката е работа во која треба постојано да се преиспитувате и одлуките често се носат многу брзо.
„Потоа можеби и ќе се преиспитувате, можеби ќе донесете и поинакви заклучоци, но со времето нема назад, а јас, колку и да се дел од одлуките непопуларни, стојам зад оние што ги донесов како пратеник во ова Собрание, со оглед дека моја водилка и моја апсолутна вредност беше доброто на оваа држава и светлата иднина на Република Северна Македонија“, рече Богоевски.
Како свои најтешки пратенички одлуки Богоевски ги издвои „одлуките кои биле за доброто на оваа држава, ама се косат со принципите за кои тој и неговите соборци се бореле“, односно одлуките околу владеењето на правото, правдата и еднаквоста пред законите.
„Имаше неколку такви одлуки кои беа политички нужни. Не би ги напоменувал кои се, но тие ми беа најтешки за практикување. Но повторувам, имајќи ги во предвид повисокото добро и причините поради кои беа донесени тие одлуки, повторно би го направил истото“, заклучи Богоевски, по што им се заблагодари на новинарите за коректниот однос и се поздрави со зборовите: „Другари, благодарам за сè“.