Кирацовски ќе ја донира платата за храбрите пожарникари од Кисела Вода

Воодушевен од, како што пишува, брзата реакција и организираноста на противпожарната единица на Град Скопје, која денеска имаше повеќечасовна интервенција и спаси повеќе животи во семејна зграда во населбата Кисела Вода, која пак е во близина на привременото сместување на пратеникот Александар Кирацовски и неговото семејство, пратеникот соопшти дека своите месечни примања ќе ги донира како награда за храбрите пожарникари.

Пожарникарите успешно се справија со пламените јазици, истакнува тој, и нивната работа треба да е пример за посветеноста во работењето и пожртвуваноста во служба на граѓаните. Тоа треба да важи за многу општествено истакнати личности, како и за вработените во сите институции, порача Кирацовски.

„Хероите – пожарникари, кои неколку часа се справуваа со настанатиот пожар, спасија повеќе животи, ставајќи го својот во ризик. Тоа мора да се поздрави и да се награди, за да се поттикне како пример на однесување за сите нас.

Во таа насока, како пратеник во републичкото Собрание, изјавувам дека за ПОЖАРНИКАРИТЕ – ХЕРОИ, во форма на награда ги издвојувам моите месечни приходи.

Истовремено ги повикувам сите кои се во можност да го сторат истото во најразлична форма за овие хумани луѓе, но и за семејствата чиишто станови се зафатени од пламенот на настанатиот пожар.

Хуманоста пред се!“, напиша пратеникот.

- Реклама -