Од неделава, етничките Албанци кои живеат во Црна Гора и Северна Македонија ќе можат да конкурираат и работат во Албанија со еднаков приоритет како и Албанците од Албанија, без да им треба работна дозвола, пренесува „Balkan Insight“.
Иницијативата е дел од мерките на албанската влада за зацврстување на врските меѓу Албанците во регионот, а е одлука на албанскиот премиер Еди Рама, соопштија вчера од неговиот кабинет. Одлуката била потврдена во петокот (10 мај).
„Албанците од Црна Гора и Северна Македонија ќе ги уживаат правата на вработување исто како и албанските граѓани, освен кога самото вработување е конкретно поврзано со албанското државјанство, во согласност со применливата легислатива“, соопшти албанското Министерство за финансии и економија.
Со ваквата одлука, Албанците од Северна Македонија и Црна Гора ги добија истите права што ги имаат и Албанците од Косово и Прешевската долина во Србија, изјави албанскиот шеф на дипломатијата – Гент Чакај. За нив албанската влада ги укина дозволите за работа уште во мај 2014-та.
„Иако изгледа како чекор без конкретен импакт сега и веднаш и звучи како целосно симболична иницијатива, ова е неопходен чекор кон зголемување на врските меѓу Албанците во соседните земји, без разликување по основа на државјанство“, напиша Чакај на Фејсбук.
Стапката на невработеност во Црна Гора е околу 16%, но во областите како Тузи и Улцињ, кадешто живеат најголемиот дел од етничките Албанци, достигнува и до 20%. На Албанската популација во Црна Гора отпаѓаат околу 5% од вкупното население, а нив им припаѓаат само 2.8% од државните работни места, истакнува „Балкан Инсајт“ цитирајќи го извештајот за Државно вработување на малцинствата од јуни 2011 година.
Во Северна Македонија, пишува порталот, Албанците се најголемото етничко малцинство, со околу четвртина од вкупната популација од 2 милиона, според пописот од 2002 година. Некои проценки велат дека околу 200.000 етнички Албанци од Северна Македонија досега ја имаат напуштено земјата за да работат во странство и во потрага по подобри економски услови.