Антикорупциска отвори предмети за Заев, Манчевски, Анѓушев, Мерко, Пановска…

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК, ака. Антикорупциска) отвори предмети по шест пријави од ВМРО-ДПМНЕ. Дел од предметите се однесуваат на премиерот Заев: околу изградбата на трговскиот центар „Глобал“, случајот „Поткуп“ (познат како „Евро за Вицето“), бугарските фирми на Заев, легализацијата на хациендите кај „Цареви кули“, како и „Земјиште во касарна”.

Во овој последниот случај ќе се разгледува продажбата на старата касарна во Струмица. Имено, земјиштето на касарната, со површина од 18.462 квадрати, било купено од бизнис партнерот Сашо Брндевски по повластена ниска цена, а тоа било овозможено од тогашниот градоначалник Зоран Заев. Потоа земјиштето Брндевски му го продал на Вице Заев.

За дел од овие случаи веќе има судска разрешница, а од ДКСК велат дека ги отвориле затоа што имаат пријава. Меѓутоа, при разгледувањето на предметите ќе утврдат за кои од нив има судска разрешница и соодветно ќе ги затворат.

Покрај Заев, Антикорупциска ќе ги чешла и вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за информатичко општество и администрација – Дамјан Манчевски.

Против Анѓушев е отворена постапка за давање под закуп на градежно земјиште за изградба на хидроцентрала. Според наводите, земјиштето со површина од 7.105 квадрати во Дреново, во близина на езерото „Лисиче”, ѝ било доделено на компанијата „МХЕ Тополки“, чиј управител е братот на Кочо – Тодор Анѓушев. Меѓу сопствениците на компанијата се јавува и самиот Кочо Анѓушев, преку неговата компанија „Фероинвест“.

Предметот против Дамјан Манчевски се однесува на сомнежите околу грчките фирми, спомнати во неодамна објавените нови „бомби“ од страна на мистериозниот профил „Илија Громовник“. Снимката со Манчевски беше објавена со опис: „Црвенковски ги објаснува грчките фирми на Манчевски“.

Прочитајте и:  Антикорупциска иницира постапка против Костадиновска Стојчевска за злоупотреба на буџетски средства за приватни цели

Покрај нив, Антикорупциска отвори предмет и за градоначалникот на Струга – Рамиз Мерко, за набавката на возила и луксузното Audi А6 од 67.000 што го купил со општински пари, иако општината е во долгови, „за да не оди парталав и со Шкода“.

Постапка околу набавка на возило е покрената и  против претседателот на Врховниот суд – Јово Вангеловски, за набавката на „БМВ“ од 40.000 евра.

Антикорупциска отвори постапка и за злоупотреба на службената положба против в.д. директорката на Клиниката за хематологија – Ирена Пановска Ставридис. Комисијата ќе истражува дали таа влијаела во тендерите за набавка на лекови во корист на фамилијарната веледрогерија “д-р Пановски”, чиј сопственик е нејзиниот татко – Златко Пановски. Во пријавата, поднесена од група доктори, се наведува и дека Пановска унапредува свои луѓе на раководни позиции, а имала и поддршка од министерите Венко Филипче и Радмила Шекеринска. Самиот предмет е отворен по допрен глас, но и врз основа на информациите во јавноста.

Отворен е и предмет против Горан Караџовски, Коле Штерјев и Јово Вангеловски, поради сомнежите дека цели три години земале месечни паушални по 10.000 денари.

Отворени се и предмети за изборни нерегуларности, пријавени од граѓани преку апликацијата на ДКСК.

- Реклама -