Еди Рама со цитат од Јирген Клоп, но и со „paфaл“ кон ЕУ: Сите на Балканот знаат што е вojнa, а лидерите на ЕУ тоа го виделе само на телевизија

Албанскиот премиер Еди Рама, денеска на конференцијата на ЕБОР (Европска банка за обнова и развој, EBRD) во Сараево, сликовито го претстави патот на Западен Балкан кон членство во Европската унија. За таа цел, ја цитираше реченицата со која Јирген Клоп вчера ги мотивирал фудбалерите на Ливерпул пред реваншот со Барселона:

„Би го цитирал Јирген Клоп, кој пред натпреварот вчера рекол: ‘Невозможно е, но имаме шанса’. Натпреварот ни покажа дека за да победите, морате да се обидувате. Можете и да се обидете и да изгубите, но ако не се обидувате, не можете ни да победите“, рекол Рама.

Споредувајќи ја ЕУ со навивачите на Ливерпул, кои без оглед на резултатите секогаш ревносно го поддржуваат својот тим, Рама наведе дека Брисел на Западниот Балкан му вели „Никогаш нема да бидете сами“.

Рама изрази надеж дека благодарение на ЕБОР и ЕУ, овој регион нема да биде сам, но и дека понекогаш има чувство како луѓето од ЕУ на земјите од нашето опкружување да гледаат како да сме малку чудни, наивни и застарени. Иронијата, според него, е што таквото гледиште кон Западниот Балкан постои во време кога всушност во Унијата владеат фрустрации.

Прочитајте и:  НЗЗ: ЕУ се преправа дека не е нервозна поради изборот на Трамп

„Во време кога Британците прават сè за да се разведат од ЕУ и покажуваат дека тоа воопшто не е едноставно, ние во истиот момент сакаме да се венчаме. Но ни велат: ‘Полека, бракот не е каков што го замислувате’. Но ние тоа го сакаме“, порача Рама.

Тој истакна и дека сите луѓе на Балканот во живо имаат видено што е тоа вojна, за разлика од генерациите кои во моментов ја водат Европска унија.

 

„… Овде, на ова место каде што се наоѓаме денес, имаше вojна. За генерацијата која е на чело на ЕУ денес, вojната е црно-бела слика од телевизија, која е сè помалку присутна кога тие размислуваат за ЕУ“, порача тој. Но за граѓаните на Балканот, истакна, придружувањето во ЕУ всушност значи придружување во местото каде граѓаните на Балканот еднаш и засекогаш ќе бидат безбедни од вojна.

„Тука ќе бидеме разведени од духовите на нашето минато. Британците сега мислат на своето минато, но кога ние мислиме на нашето, не можеме ни да замислиме нешто полошо за нашите деца. Затоа сме фокусирани на ЕУ и затоа можеби понекогаш делуваме како застарени“, заклучи албанскиот премиер.

- Реклама -