За „Единствена Македонија“ Стево Пендаровски не може да биде сметан за легитимен претседател

За Единствена Македонија на Јанко Бачев, вчера на изборите победил македонскиот народ. Со големата неизлезност, велат од партијата, граѓаните ја делегитимирале „марионетската власт во Скопје“.

Од партијата истакнуваат дека 436.212-те гласови што ги освоил Пендаровски се само 23% од вкупниот број запишани избирачи со право на глас, а претседател на држава со добиени 23% од гласовите на запишаните избирачи, тврдат, не може да се смета за легитимен претседател на македонскиот народ.

„Не случајно бил големиот стpaв на марионетската власт од неизлегувањето на изборите и најавите дека се спремни дури и да го укинат цензусот.

За каква масовна победа на обединување и заедништво зборуваа синоќа Пендаровски и Заев кога македонскиот народ во голем број не излезе на изборите а Пендаровски победи со гласовоте на албанското малцинство во земјата“, велат од партијата.

Од Единствена Македонија велат и дека народот на референдумот за името јасно порачал дека не сака во ЕУ и НАТО:

„Пендаровски и Заев победнички изјавија дека исходот од претседателските избори на кои Пендаровски доби само 23 отсто од запишаните избирачи значел гарантиран пат напред во НАТО и ЕУ. Да им ја освежиме меморијата на Заев и Пендаровски дека македонскиот народ и поголем дел од граѓаните на Република Македонија на ланскиот референдум на 30 септември ја изразија својата волја дека не сакаат во НАТО и ЕУ“.

Инаку, пред изборите, „Единствена Македонија“ повикуваше на бојкот, бидејќи, според нив, немало македонски кандидати. Ниту еден од претседателските кандидати, аргументираа од партијата, „нема намера да го поништи антимакедонскиот договор со Грција со кој се брише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ“.

 

- Реклама -