Обединети нации: Опстанокот на луѓето е доведен во прашање

Веќе постојат околу милион загрозени видови, а темпото и понатаму забрзува, со што природата што му овозможува живот на човештвото е осудена на пропаст. Единствениот излез е да се случи „голема промена“ во моделот на производство и потрошувачка кај човечкиот вид, се вели во извештајот на група експерти на Обединети нации на полето на екологијата, а во кои заклучоците се без преседан и со најцрна досега слика за иднината и опстанокот на човештвото.

„Ги загрозуваме самите основи на нашето земјоделство, начинот на опстанок, безбедноста на храната, како и нашето здравје и квалитетот на животот во целиот свет“, вели претседателот на експертската група – Роберт Вотсон.

Според проценките на експертите, соопшти тој, поради масовното сечење на шумите, интензивното земјоделство, порастот на урбанизацијата и рудниците, веќе се загрозени 75% од копнената животна средина. Според проценките, веќе се загрозени и 66% од морската животна средина, а причината повторно е човечката активност.

Резултатот гласи милион загрозени животински и растителни видови од околу 8 милиони видови на Земјата, се наведува во извештајот, со дополнување ако ништо не се промени, се очекува трендот да продолжи.

Прочитајте и:  Просечната температура во 2024 година ќе го надмине прагот од 1.5 степени

Во делот на климатските промени, експертите на ОН предупредуваат дека нема да биде доволно ниту исполнувањето на зацртаното со климатскиот договор – во кој поставената цел е да се спречи понатамошното загревање на планетата да ја достигне границата од 2 Целзиусови степени пораст на глобалната температура. Дури и тоа да се постигне, тврдат тие, промените на климата можат да продолжат помогнати од други фактори (од кои дел се резултат на досегашното влијание на човечката активност врз планетата).

Како што рековме, во извештајот се повикува на неопходни промени во земјоделството, но и потрошувачката. Експертите ги поздравуваат, на пример, сè погласните повици за промена на навиките на исхрана и тенденцијата да се јаде што повеќе зеленчук, а помалку месо и млечни производи, кои, велат, имаат негативен ефект врз биодиверзитетот, климатските промени и општото здравје на луѓето.

„Таквите длабоки промени ќе предизвикаат отпор кај оние кои имаат директни интереси, но таквото противење треба да биде надминато, за општото добро и интерес“, вели Вотсон.

- Реклама -