По првичните резултати од вчерашниот гласачки ден, кога стана извесно дека Стево Пендаровски ќе биде новиот и прв претседател по промената на името на државава, меѓу бројните реакции се огласи и професорката Билјана Ванковска, еден од најголемите поддржувачи на Гордана Силјановска-Давкова.
„Секој народ има власт каква што заслужува! Поразот на Силјановска покажува само дека си ги заслужуваме и Стево, и ЗЗ и Али… Gordana Siljanovska Davkova е премногу добра за оваа колонија. Еден пријател ми рече одамна дека таа е 10.000 км над нивото на нашата политика. И’ честитам на стаменоста, достоинството, пристојноста и умот. Не ја заслужуваме. Таа стори сè што беше во нејзина моќ – ние ја изневеривме!“, напиша Ванковска.
Подоцна, откако и ДИК го прогласи Стево Пендаровски за претседател, а двајцата кандидати од своите штабови се обратија до граѓаните, Ванковска уште еднаш аргументираше зошто, според неа, не ја заслужуваме Силјановска:
„Ги чувме говорите на претседателот и на професорката. ЈОЈ РАЗЛИКЕ! Неспоредливо во речитоста, стаменоста, умноста, достоинството! Да, не ја заслужуваме! Не сме зрели за ваква претседателка! Ќе ги збунеше оние во странство научени да гледаат луѓе со дефицит, и интелектуален и демократски. Ќе мислеа дека Маједонија е вистинска држава. А знаеме дека не е …“, напиша таа.
Подоцна, откако спласнаа изборните емоции и новата реалност цврсто застана на нозе, Ванковска напиша уште еден пост, за „одјава“:
„Ме прашуваат како сум. Добро, мирно. Јас мојот народ одамна го исплакав, во онаа долга ноемвриска вечер во 2004 година, кога не излезе на референдумот затоа што се исплаши. Кога го дресираа дека некои прашања не заслужуваат одговор. Тогаш напишав дека се чувствувам како Јети.
Сега немам ни солзи, ни емоции… Само тишина! И празнина.
И од мене – толку! Одјава!“.