Заев: Реформите се максимално спроведени, датум за преговори ќе добиеме ова лето

Реформите се максимално спроведени. Завршени се сите реформи зацртани во „Планот 18“, а коишто претходно беа одобрени од Европската Комисија. Останува уште Законот за јавно обвинителство, кој ќе биде донесен многу скоро, порача премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање по завршувањето на состанокот на Интер-ресорската работна група за следење на состојбата со квалитетот на амбиенталниот воздух.

„Преспанскиот договор и сето тоа што се случи во нашата земја е навистина сериозна мотивација да се случи тоа што го очекуваме. А ќе се случи добивање на датум за преговори, односно одлука за отпочнување на преговорите помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија. Сите овие работи зависат, пред сѐ, од изборите за Европскиот Парламент. Тие завршуваат на 26 мај, Европската Унија на 29 мај го лиферува и го објавува извештајот, а после тоа извештајот оди на усвојување во националните Парламенти на земјите членки и можно е да се случи јуни – јули тука да се помести. Но ниту во еден случај заради нас, ниту во еден случај поради други причини, туку поради тоа што токму оваа година се случуваат изборите во Европскиот Парламент“, истакна премиерот.

Тој додаде и дека неодамнешните средби во Берлин дополнително го охрабриле и ги оправдуваат очекувањата земјава летово да добие датум за почеток на преговори со ЕУ.

„Секоја дискусија почнуваше и завршуваше со Преспанскиот договор, што е навистина импонира. Имав билатерална средба и со канцеларката Меркел, зборев со претседателот Макрон. Јасните ставови на Фредерика Могерини за ова прашање веќе ги знаете. Не само што ќе има позитивна одлука за нас, туку навистина треба да бидеме горди што сме позитивен пример. И тоа ќе се случи ова лето“, констатира Заев.

- Реклама -