Келнер од Пакистан станал локална, а благодарение на друштвените мрежи – и глобална ѕвезда поради нешто што е тотално вон негова контрола – сличноста со Питер Динклиџ, кој во мегапопуларната „Game of Thrones“ го глуми ликот на Тирион Ланистер.
Да биде уште позабавно, Рози Кан воопшто немал слушнато за популарната серија на HBO. За неа дознал дури откако сè повеќе луѓе почнале да бараат да направат селфи со него.
„Не ми пречи. Снимени се многу фотографии со мене, затоа и станав познат насекаде. Низ цел Rawalpindi, каде и да одам, има мои фотографии“, вели тој.
Освен што си личат ко јајце на јајце во ликот, Кан и Динклиџ имаат и иста висина – околу 135 сантиметри. Поради тоа, Кан го смета Динклиџ за свој пријател и посакува да го запознае.
Благодарение на сличноста со Ланистер, традиционалниот ресторан во кој работи Кан во последно време привлекува сè повеќе и повеќе гости на кои храната им е во втор план. Во прв, се разбира, им е селфи со двојникот на Динклиџ.
„Се чувствувам како да сум го запознала Ланистер во реалниот живот“, коментира една од гостинките. Кан, пак, ужива во славата, а којзнае, веројатно и во покачување на платата.