Ѓерг Прекочај (50) од Косово, кој живее во Лозана, Швајцарија, веднаш ја платил паричната казна од 1.100 евра која судија на претходна постапка му ја одредил откако вчера, заедно со уште тројца членови од фолклорната група Арбреши (Албанци кои живеат на југот од Италија), постави големо албанско знаме на Самоиловата тврдина во Охрид. Покрај паричната казна, Прекочај доби и статус на „персона нон грата“ и во следниве пет години ќе му биде забранет влез во државава. Останатите членови на фолклорното друштво не се казнети.
Според локалните охридски медиуми, полицијата имала намера да го задржи Прекочај сè додека не ја плати паричната казна, пренесува „Фактор“, а откако тој го направил тоа, со полициска придружба веднаш ја напуштил Македонија.
По казната не изостанаа и реакциите од политичките фактори во земјава. Од „Алијанса за Албанците“ изразија загриженост во врска со реакцијата на СВР Охрид и притворањето на двајца членови на фолклорниот ансамбл. Според нив, знамето не било поставено како провокација, туку како дел од сценографијата на Културно-уметничкото друштво на Арбрешите (тоа го тврделе и играорците што го поставија).
„Истакнувањето на албанското национално знаме во Самуиловата тврдина претставува ниту законски прекршок ниту опасност за никого, особено кога се знае дека во Северна Македонија, Албанците сочинуваат една третина од населението и се автохтон народ“, велат од „Алијанса за Албанците“ во реакцијата.
Кога се работи за Албанците и нивните национални симболи, воопшто не се промениле логиката и дискриминаторскиот менталитет карактеристични за југословенскиот комунистички систем, а тоа, особено овој инцидeнт, воопшто нема да ѝ помогне на државава на патот кон членство во НАТО и ЕУ, констатираат од партијата.
Инцидeнтoт на Самоиловата тврдина вчера во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 го коментираше и претседателот на Собранието – Талат Џафери. Со оглед дека поставувачите на знамето се културно-уметнички работници, смета тој, казната требало да биде поблага.