Реакција од кабинетот на Иванов за прекршочните од Антикорупциска: Надлежноста на претседателот не ја одредува Законот за служба во АРМ

Откако Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) вчера соопшти дека покренала две прекршочни постапки против претседателот во заминување – Ѓорге Иванов, денеска стигнува остра реакција од неговиот кабинет.

Од кабинетот тврдат дека ДКСК (ака. Антикорупциска) не ги земала во предвид уредно доставените образложенија и законските основи врз основа на кои Иванов ги донел указите. Оттаму објаснуваат и дека Претседателот на Република Македонија поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали согласно член 18 став 1 точка 11 од Законот за одбрана – кој е системски закон, додека пак Антикорупциска постапките ги покрена врз основа на Законот за служба во АРМ – кој е општ закон. Во случај на евентуален судир на норми меѓу двата закони, меродавен е Законот за одбрана, а не Законот за служба во АРМ, посочуваат од кабинетот.

Освен тоа, одлуката на Антикорупциска се коси со мислењето што истата таа комисија го дала во 2016-та околу сличен проблем. Тогаш ДКСК посочила дека во период на избори не постои законска пречка да се доставуваат предлози за именувања и/или отповикувања на амбасадори до Претседателот на Република Македонија, тврдат од кабинетот. Во продолжение ја пренесуваме реакцијата во целост:

„Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, најостро реагира за политичката одлука на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да поднесе прекршочни пријави против Претседателот на Република Македонија и целосно ги отфрла тврдењата дека со донесувањето на указите, кои се предмет на ваквата одлука, Претседателот на Република Македонија постапил спротивно на законите и ги пречекорил овластувањата.

Разочарува фактот што, и покрај тоа што до Државната комисија за спречување на корупцијата уредно беа доставени образложенијата и законските основи врз основа на кои Претседателот на Република Македонија ги донесе указите, истите не се земени предвид од страна на Комисијата, и наместо тоа, како образложение се даваат општи и непрецизни констатации без законска основа.

Претседателот на Република Македонија ги донесе указите во согласност со Уставот на Република Македонија и законите.

Во согласност со член 79 од Уставот на Република Македонија, Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија.

Во согласност со член 18 став 1 точка 11 од Законот за одбрана, Претседателот на Република Македонија поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали.

Како врховен командант, Претседателот на Република Македонија нема обврска да бара одобренија за надлежности кои му се пропишани со закон.

ДКСК во образложението се повикува на Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Овој закон пропишува постапка за унапредувања до чин полковник, а не генерал, која е надлежност на Претседателот на Република Македонија во согласност со Законот за одбрана.

Дополнително, Законот за одбрана е системски закон, а Законот за служба во АРМ е општ закон. Во согласност со начелото на уставност, предвидено со член 51 од Уставот на Република Македонија, јасно е каква е нормативната хиерархија во носењето на одлуките. Доколку воопшто има судир на норми меѓу двата закони, тогаш меродавни се одредбите од Законот за одбрана, а не од Законот за служба во Армијата.

Единствена одредба во Законот за Служба во АРМ, каде се споменува унапредувањето на офицерите со формациски чин генерал, е Членот 61 став 1, каде се предвидува дека офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин, во конкретниот случај од генерал-мајор во генерал-потполковник, ако офицерот кој треба да биде унапреден поминал најмалку две години во чинот што го има. Претседателот на Република Македонија го донесе указот бр. 57 бидејќи овој критериум за генерал-мајор Васко Ѓурчиновски беше исполнет.

Во однос на системот на плати и надоместоци на плати, укажуваме дека во согласност со член 170 (1) од Законот за служба во АРМ, ова е надлежност на министерот за одбрана или од него овластено лице, а не на Претседателот на Република Македонија.

Дополнително, би сакале да ја запознаеме јавноста дека ваквата одлука на ДКСК е контрадикторна на претходната практика која самата комисија ја воспоставила. ДКСК во 2016 година дала одговор по слична проблематика, кој е сосема спротивен на сегашните ставови. Во т.61 од Мислењето издадено во 2016 година од страна на Државната Комисија за спречување на корупцијата јасно е посочено дека во период на избори не постои законска пречка да се доставуваат предлози за именувања и/или отповикувања на амбасадори до Претседателот на Република Македонија.“

Прочитајте и:  Антикорупциска иницира постапка против Костадиновска Стојчевска за злоупотреба на буџетски средства за приватни цели
- Реклама -