Внуката на Дизни против платата на директорот: Безумно е некој да заработува толку повеќе од своите работници!

Мината година, генералниот директор на студиото „Дизни“ – Боб Ајгер, заработил речиси 66 милиони долари. Тоа е безумие и скандал, ако се прашува Абигејл Дизни – внуката на Роj Дизни (постариот брат на Волт Дизни и коосновач на компанијата), која во неколку твитови остро се спротивстави на огромната разлика меѓу платата на Ајгер и таа на вработените во компанијата.

Имено, според истражувањето на Equilar, ланската плата на Ајгер била 1424 пати поголема од просечната плата на вработените во Дизни, која изнесува 46.127 долари годишно.

„По било кое објективно мерило, плата поголема за над 1000 пати (од просечната на вработените) е лудо“, вели таа за компензацискиот пакет кој Ајгер го доби како награда за продолжување на договорот, кое беше објавено истовремено со веста дека „Дизни“ купува најголем дел од компанијата „21st Century Fox“. Како лани, така и годинава компензацискиот пакет ќе придонесе во голема мера во годишната плата на Ајгер – годинава истиот вреди 35 милиони долари.

Абигејл, филантроп и активист, се позанимавала и со малку математика.

„Кога го доби бонусот минатата година, пресметав дека можел лично, од свој џеб, на секој од работниците во Дизниленд да му ја покачи платата за 15%, и сепак би му останале 10 милиони долари“, изјави Абигејл во една прилика.

Според неа, платата на Ајгер (и сличните) има(ат) корозивен ефект врз општеството.

„Постои точка по која едноставно премногу (од парите) оди во врвот на системот на контото на оваа класа на луѓе, кои – жалам, ова е радикално – имаат премногу пари“.

Лани „Дизни“ потпиша договор со синдикатите, според кој до 2021 година, платата на работниците во ресортот Walt Disney World Resort треба да биде покачена на 15 долари/час. До скоро и работниците во Disneyland земаа помалку – $15/час почнаа да добиваат од почетокот на годинава.

Иако таквата сума е два пати поголема од минималната плата на ниво на САД од 7.25 долари на час, Абигејл прашува зошто компанијата која е попрофитабилна од било кога („Дизни“ оствари рекорден профит во 2018-та) продолжува да им плаќа на вработените малку повеќе од законски дозволениот минимум и наместо тоа не им ги покачи платите и почне да „го почитува нивното достоинство“.

Абигејл не ја смирува ни еднократниот бонус од по 1.000 долари што компанијата лани им го подели на 125.000 работници. Имено, бонусот се должи на новиот закон за даноци и намалување на даноците што „Дизни“ треба да ги плати.

„Убаво е да му дадете бонус на работникот кој аргати за плата. Сите го сакаат тоа. Знаете што друго сите сакаат, повеќе од тоа? Покачување. Ако намалувањето на данокот овозможува да биде исплатен бонус, а тоа намалување на данокот е перманентно, тогаш не ли е логично и еднократниот бонус да е всушност перманентно покачување?“, критикува таа.

„Ако платата на шефот ви е 700, 600, 500 пати повисока од онаа на просечниот работник, никој на Земјата, па ни Исус Христос, не е вреден 500 пати повеќе од просечната плата на својот работник“, има изјавено Абигејл во една претходна прилика.

„Укажувањето на јазот во платата на тие на врвот и тие на најдолните ешалони во компанијата предизвикува бурна реакција бидејќи ја нарушува нашата внатрешна смисла за тоа што е фер и праведно. Невозможно е да не се згрчите“, вели таа.

Од „Дизни“ застанаа во одбрана на платата на Ајгер, истакнувајќи дека е „базирана на перформансите“, додавајќи дека донел „исклучителна вредност за акционерите“.

Абигејл има одговор и за тоа:

„Ако тоа што  тие (работниците) го работат е неопходно за успешното раководење со твојот бизнис, тогаш тие заслужуваат да бидат платени колку што им треба за да ги раководат и своите животи успешно. Бидејќи тие придонесуваат нешто… во твојот успех. Секој што придонесува во успехот на профитабилна компанија и кој работи полно работно време со таа цел, не треба да оди гладен, не треба да штеди на инсулин и не треба да спие во кола“, заклучува Абигејл.

- Реклама -