Со зачленувањето на Грција во Иницијативата 16+1, Грција ја потврди својата водечка улога на Балканот и ја обнови својата репутација, истакна грчкиот премиер Алексис Ципрас. Тој оцени дека Грција е средиште на поврзаноста во регионот и столб на стабилноста, безбедноста и соработката на североисточниот Медитеран, особено по потпишувањето на Преспанскиот договор.
„Пред четири години Грција беше неуспешна земја, ‘црна овца’ на Европа, без пристап до големите предизвици и случувања во регионот и во спор со своите соседи“, рекол Ципрас, додавајќи дека денес Грција е земја која сите ја признаваат, земја која излегла од големи економски тешкотии и проблеми и земја што си го повратила угледот.
Ципрас потсети и дека Грција требало да биде членка на Иницијативата 16+1 уште од 2012 година, но дека не можеле да им се придружат на Кина и останатите 16 земји токму поради спорот со „северниот сосед“, т.е. Република Македонија, која членуваше во организацијата под своето старо име, за разлика од сега.
Ципрас оценува дека пристапувањето на Грција кон Иницијативата 16+1, која отсега ќе се нарекува Иницијатива 17+1, ќе овозможи посебна длабочина во меѓусебните односи, пред сè во економијата и поврзаноста на земјите членки во организацијата.