Гоце Делчев ќе ги помачи пријателите од комисијата: Бугарите инсистираат дека е Бугарин

По изминативе два дена во кои заседаваше Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија, согласно Договорот за добрососедство со Бугарија, и двете страни изразија дека е направен голем напредок.

Сепак, покрај одредени теми од антиката и несогласувањата околу Свети Павле, се чини најтешкиот проблем за заедничко решение ќе претставува Гоце Делчев.

Професор Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот дел од комисијата, во изјава за бугарската БГНЕС, Гоце Делчев го нарекол „чувствителна тема за една важна личност“.

ФОТО: БГНЕС

„Ние дискутиравме за Гоце Делчев денес и сметаме дека треба да се продолжи да се разговара за него како за една личност која заедно ќе ја чествуваме“, рекол Ѓоргиев. Но, во разговор со „МКД.мк“, тој констатира дека за ова прашање ќе бидат потребни повеќе време и нерви.

Како што објаснува тој, дискусијата за Гоце Делчев почнала од аспект на заедничко чествување бидејќи Бугарите инсистирале и тој да е вметнат во листата која веќе е усвоена. Но, притоа се појавиле големи противречности и различни толкувања од двете страни. Како што истакнува Ѓоргиев, во нашата историографија и во меморијата на македонскиот народ, Делчев е македонски национален херој, Македонец. Но во бугарската историографија, традиција и меморија тој е Бугарин.

„Тоа се две дијаметрално спротивни страни и се разбира ние не навлегуваме премногу во тие дискусии за идентитетот, бидејќи тоа нема да нè одведе никаде, туку повеќе дискутираме за тоа зошто е важен Гоце Делчев, што е она што го прави важен Гоце Делчев кај Македонците, каква е традицијата и меморијата за Гоце Делчев кај македонскиот народ, а на кој начин се доживува кај бугарскиот народ, како тој живее таму како лик. Се обидуваме да го најдеме тој мост кој евентуално би ни дал основа за да го предложиме како личност за заедничко славење“, објаснува тој, додавајќи дека темата е чувствителна и сложена, но и дека неретко низ дискусијата излегуваат нови можности за решение кои претходно биле тешко видливи.

Дискусијата за Гоце Делчев е оставена за следната комисиска средба во јуни. Откако копретседателот на комисијата од бугарска страна – проф. Ангел Димитров, предложил да се најде решение за чествување на „една толку обожувана фигура и во двете држави, како што е Гоце Делчев“, на средбата се очекува свој текст да достави и македонската страна.

„Се надевам дека на следната средба ќе се стигне до решение слично на тоа кое го најдовме за цар Самуил. Искрено се надевам дека на следната средба ќе завршиме со антиката, но ќе направиме солиден чекор напред во постигнување на заедничка позиција околу белешките со интерпретација на средновековието“, истакнал Димитров за БГНЕС.

За потсетување, во повеќе наврати официјални лица од Бугарија, меѓу кои и бугарскиот претседател Симеон Радев, предупредуваа дека патот на Северна Македонија до ЕУ води преку „уважување на историските факти“.

- Реклама -