Мал град во Данска ја гради највисоката кула во Западна Европа

Малиот провинциски дански град Бранде, кој има население од само нешто повеќе од 7.000 жители, наскоро ќе стане дом на највисоката зграда во Западна Европа. Облакодерот всушност ќе биде седиште на модниот гигант Bestseller, кој е основан во Бранде во 1975 година.

Со своите 320 метри, седиштето на Bestseller ќе биде за 10 метри повисоко од лондонскиот Shard. Истовремено ќе доминира над рамнината околу него, па облакодерот ќе биде видлив од растојание и до 60 километри. Поради тоа, некои ја споредуваат кулата со „Окото на Саурон“ од „Господарот на прстените“.

За дел од жителите токму тоа е проблем. Не им се допаѓа таквата идеја и тврдат дека облакодерот ќе го уништи „спокојниот пејзаж“. Општинскиот совет во градот, меѓутоа, веќе издал одобрение за градба.

Брендот Bestseller е во сопственост на Андерс Холх Полсен – најбогатиот човек во Данска. Проектот, наречен Tower & Village, според него е ревизија на класичната идеја за компаниско седиште.

Комплексот, дизајниран од архитектонското студио Dorte Mandrup, ќе содржи 30 продавници, разни образовни капацитети, хотел и, се разбира, канцеларии на компанијата Bestseller.

Трговската асоцијација на Бранде, пак, смета дека облакодерот ќе биде одлична можност за градот и ќе помогне за создавање на динамичен живот, како за самите жители, така и за локалните бизниси. Тоа ќе биде обележје кое „ќе го става градот на мапата“, а воедно ќе функционира и како архитектонска атракција.

 

- Реклама -