Деновите од 27 април до 6 мај Јапонците ќе мораат да ги поминат неработно, а поводот е одбележувањето на абдикацијата на императорот Акихито, кој престолот му го препушти на својот најстар син Нарухито.
Со оглед дека Јапонија е прочуена како земја на воркохолици, многумина од Јапонците одморот го доживуваат со страв и анксиозност, пишува The Guardian.
Да, многумина ќе заминат на туристички патувања во странство, но работниците платени по час ќе ја немаат таа среќа, па и не му се радуваат на одморот. Заедно со нив не се пресреќни и многумина од родителите вработени во услужниот сектор, бидејќи ќе треба да најдат некој да им ги чува децата. Во 10-те дена додека трае празникот, за децата нема да биде достапен дневниот престој во училиштата и градинките.
Покрај овие, постојат и голем број Јапонци кои немаат никаква идеја како да ги искористат слободните денови.
„Искрено, не знам што да правам со времето сега кога одеднаш добивме 10 дена празник“, вели 31-годишниот Сеишу Сато, вработен во финансиска компанија. „Ако сакате да патувате, секаде ќе биде полно, а ги покачија и туристичките цени. На крајот можеби ќе завршам кај родителите“, појаснува тој.
Според анкетата на јапонската агенција The Asahi Shimbun, дури 45% од анкетираните „се чувствуваат несреќно“ околу долгиот ненадеен одмор. Според статистиките, просечниот Јапонец користи само 10 слободни дена годишно, што е половина од вкупниот број денови за одмор што ги имаат на располагање. Паралелно, околу 60% од Јапонците чувствуваат вина кога користат платен годишен одмор. Многумина велат дека тоа е поради шефовите, кои не гледаат со одобрување кон изостанувањето од работа.
Во понеделникот Јапонија усвои и законски одредби со кои се ограничува работното време. Таквата одлука доаѓа по порастот на бројот на смртни случаи поради преработеност – појава позната како „кароши“.