Првата работа што 58-годишниот Ејд Гудчајлд ја направил откако освои 82 милиони евра на лото е отказ во фабриката за метал во која работел 24 години. На конференцијата за медиуми, добитникот на џек-потот на меѓународната лотарија „Euromillions“ соопшти дека следно ќе купи куќа со базен и ќе патува низ светот.
Гудчајл не е оженет и немал многу среќа во животот, но верува дека тоа наскоро ќе се промени, сега кога има толку дебел паричник.
„Веќе не морам никогаш да правам тоа што ќе ми кажат. Јас сум сега слободен човек! Да бидам искрен, во некои аспекти е исто како да те пуштиле од затвор“, вели тој.
Ејд го чекаат слатки маки, како на пример фотографите да го подучуваат како да прослави со шампањ, бидејќи како што самиот вели, речиси целиот свој живот е сиромашен.
Лото тикетот го купил во локалната продавница на Ледбури Роуд во англискиот град Хирфорд. Не очекувал да биде единствениот среќник и претпоставувал дека добивката ќе треба да ја дели со повеќе добитници. Меѓутоа, на негова огромна среќа, се покажало токму спротивното, а тој станува еден од 15-те добитници во историјата на лотаријата со толку голема добивка.
Гудчајлд вели дека не можел да поверува дека токму тој е извлечен, па неколкупати го проверувал телефонот откако му стигнало SMS известување за добивката.
„Видов износ од 71 илјади фунти, бидејќи не ги носев очилата… Погледнав уште неколку пати и видов дека се 71 милион… И тогаш сфатив дека јас сум ги добил! Веднаш им се јавив на родителите за да им соопштам. Не можеа да веруваат, всушност мислам дека сè уште не се во целост свесни што се случи“, вели тој.
Како новопечен милионер, Гудчајлд има желба да ги посети пирамидите во Египет и Големиот Кањон.
„Не сум од оние кои ќе речат дека парите нема да ги променат. Секако дека ќе ме променат!“, искрен е Ејд, кој сепак, пред сè, е среќен што ќе може да им го промени животот на неговите родители.
„Добро е што ќе можам да им покажам колку ми значат. И сега, самото тоа што можам да им овозможам да го потрошат тоа што го заработиле… и да се погрижам дека ќе бидат згрижени до крајот на нивното време и да имаат сè што ќе посакаат… Колку прекрасно нешто за секој син да може да го направи!“, констатира Ејд, борејќи се да ги задржи солзите.