Бомбардирањето на Србија ги направило децата подложни на малигни болести

Нови Сад, 8 јуни 1999. По повтореното НАТО бомбардирање на новосадската рафинерија на нафта, градот го покри густ чад. (фото: Википедија)

Српската Комисија за истрага на последиците од бомбардирањето на Србија од страна на НАТО во 1999 година, основана минатата година, денеска ги објави резултатите од истражувањето спроведено исклучиво врз деца, бидејќи тие се помалку изложени на други фактори на ризик (како на пример пушење) и овозможуваат подобар увид во конкретните последици од бомбардирањето.

„Децата родени меѓу 1999 и 2015 година биле изложени на токсичен фактор кој придонел да бидат подложни на малигни болести“, е заклучокот на Комисијата, соопшти претседателот на истата – Дарко Лакетиќ.

Истражувањето, спроведено во соработка со Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, покажува дека најчестите тумори кај децата до 4 години се неуроектордермалните, кај оние од 5 до 9 години – туморите на крвта, од 10 – 14 години – мозочните тумори, а од 15 – 18 години – солидните тумори.

„Ова истражување недвосмислено ни покажува дека повеќе генерации во одреден чувствителен период биле изложени на некаков фактор кој ги направил поподложни на заболување од одредени малигни болести, во однос на другите генерации во истата возраст“, вели Лакетиќ.

Тој оцени дека бомбардирањето од 1999 година оставило несогледиви последици по Србија, која како „земја жртва“ е „должна, и од лични и од цивилизациски причини, да ја сочува вистината за да служи како поука и предупредување не само за Србија, туку и за другите“.

„Не сум сигурен дали постои единствена национална свест за страдањето на Србија во НАТО агресијата во 1999 година, но таквата несреќа во целокупната српска историја не може и не смее да се заборави, ниту да се редуцира или прилагодува според потребите и интересите на големите или малите сили“, порача Лакетиќ.

- Реклама -