АХВ демантира дека дискриминира Албанци: Алијанса за Албанците тенденциозно шири национализам

Откако денеска Алијанса за Албанците преку соопштение ја обвини Агенцијата за храна и ветеринарство дека систематски дискриминира Албанци, со своја реакција се огласија и од АХВ. Тие најостро ги демантираат обвинувањата и уверуваат дека вработувањето на потребниот кадар се одвива исклучиво по високи професионални стандарди.

„Агенцијата за храна и ветеринарство најостро ги демантира наводите во денешното соопштение на политичката партија Алијанса на Албанците, во кое тенденциозно, водени од политиканство, со цел собирање на ситни политички поени во пресрет на претстојните претседателски избори, неосновано ја обвинува Агенцијата за како што се истакнува во соопштението, континуирано дискриминирање на Албанците.

Крајно дрско и неодговорно е сериозна политичка партија да се меша во внатрешната организација и работењето на државна институција како што е Агенцијата за храна и ветеринарство која и во вработувањето на потребниот кадар и во функционирањето се води исклучиво практикувајќи високи професионални стандарди, почитувајќи ги позитивните законски прописи“, се вели во соопштението на АХВ.

„Најостро го осудуваме обидот на оваа политичка партија преку ширење на национализам да ја девалвира работата на Агенцијата во, за граѓаните најодговорниот дел – контролата на безбедноста на храната и нивното здравје. Вработувањето е уставно загарантирано право на секој граѓанин, вклучително и во нашата институција, која ниту во минатото, ниту сега, помеѓу граѓаните не прави разлика, по било кој основ.

Вработувањето и унапредувањето во Агенцијата се врши согласно важечките законски прописи за вработување, водејќи сметка за професионалните стандарди и запазувајќи го етничкиот состав.“, стои во реакцијата.

- Реклама -