И Тел Авив стави семафори за слепци

Во 2016-та, Њу Џерси воведе парични па и затворски казни за пешаците што наместо да внимаваат на сообраќајот, зјапаат во смартфон. За жал, примерот на Њу Џерси е редок. Многу почест е примерот на градови што им го олеснуваат (или подобро да речеме – спасуваат) животот на пешаците што не би да ја кренат главата од смартфонот макар преминувале и улица.

Последен во листата на овие вториве е Тел Авив. Како и Аугсбург во 2016-та, и Тел Авив вградува сигнални LED светла на пешачките премини директно во асфалтот.

Според Томер Дрор – задолжен во одделот за управување на сообраќајот во Тел Авив, целта на „зомби семафорите“, како што ги нарекуваат некои, е да се намали бројот на несреќи во кои учествуваат таканаречените „petextrians“ (од pedestrians и texting), т.е. пешаците кои се целосно фокусирани на смартфонот, a речиси ич на сообраќајот околу нив.

Човекот убаво си кажува: „Тоа што конечно го научивме е дека не можеме да ги натераме луѓето да внимаваат. Не можеме да им ги тргнеме очите од екранот за да гледаат во патот. Затоа решивме да им го ставиме патот во очите“.

 

Во меѓувреме вакви и слични системи никнаа и во Австралија, Сингапур, Холандија и други.

Засега „зомби семафорите“ се вградени само на една раскрсница во централниот дел на Тел Авив, но општината планира да ги постави и на други локации, под услов да имаат ефект, т.е. пешаците да внимаваат барем на нив.

- Реклама -