Инцидент во црногорскиот парламент на седницата на која се расправа за Предлог законот за потврдување на протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.
Пратениците на Демократскиот фронт вербално го нападнаа претседателот на македонското собрание – Талат Џафери. Лидерот на Нова српска демократија – Андрија Мандиќ, порача дека Демократски фронт нема да го поддржи протоколот за пристапување на Македонија во НАТО и притоа ги критикуваше пратениците на ДПС што свечено го дочекале Џафери.
„Тој е најпознат по носење автомат и пукање на македонските полицајци. Срам да ви е“, порача Мандиќ.
И пратениците Јован Вучуровиќ и Милун Зоговиќ од ДФ рекоа дека Џафери бил припадник на „терористичка организација“.
Седницата беше проследена и со меѓусебни инциденти меѓу црногорските пратеници, пренесува црногорскиот „Vijesti“.
Од друга страна, останатите пратеници изразија поддршка за Македонија во НАТО. Шефот на дипломатијата Срѓан Дармановиќ им порача дека ова е историска шанса за нив, бидејќи Црна Гора првпат одобрува пристапување на друга држава во НАТО. Тој оцени дека вклучувањето на Северна Македонија во Алијансата е добра вест за целиот регион.
„Поддршката на Македонија е високо на агендата на Црна Гора. Како членка на НАТО, Црна Гора е активен промотер на понатамошното ширење на Алијансата“, рече Дармановиќ, додавајќи дека тоа е единствен пат за напредок на Западен Балкан.