Зошто икаме?

Икањето е непријатна, некогаш смешна, но речиси никогаш опасна појава. Се случува без наша волја и обично кога набрзина сме го изеле оброкот или лакомо сме се наголтале некаков пијалок. Обично така и престанува, само од себе, за неколку минути.

Како што е објаснето на WebMD, механизмот зад икањето почнува од дијафрагмата – мускулот меѓу белите дробови и стомакот. Кога вдишуваме, дијафрагмата се повлекува надоле, овозможувајќи му на воздухот да влезе во белите дробови. Кога издишуваме, дијафрагмата се релаксира и се крева и го истиснува воздухот од белите дробови низ носот и устата. Кога икаме, пак, всушност се работи за иритација на дијафрагмата што ја прави да репетитивно да се стега. Тоа предизвикува и гркланот да се стегне, кој потоа ги стега и гласните жици, па оттаму и оној типичен „хик“ звук.

Вистинската причина за настанувањето на икањето, меѓутоа, може да бидат повеќе фактори, вклучувајќи стрес, нервозност, одредени лекови, ненадејни промени во температурата на воздухот, или голтање воздух (при џвакање мастика, пиење газирани пијалоци или пребрзо јадење).

Иако најгарантираното чаре е да исчекате да заврши, икањето можете да се обидете да го запрете и така што ќе го задржите воздухот или кратко време ќе дишите во кеса. Тоа е затоа што зголемувањето на концентрацијата на јаглероден диоксид во белите дробови ја смирува дијафрагмата. За методите од типот на тоа некој да ве извади од памет, за жал, нема научни докази. Истото важи и за „обратното пиење вода“, кога од чашата пиете не од кај палецот, туку од спротивната страна. За ова е потребно прилично да се наведнете, а тоа наводно ги истегнувало мускулите во градниот кош и стомакот и ја смирувало дијафрагмата.

Ако било што од ова во вашиот случај работи, терајте слободно. Тајлер Симет, меѓутоа, кој е директор на Американската асоцијација на колеџи по остеопатска медицина, поминал 5 години проучувајќи 54 пациенти со икање. Не нашол никаков проверен „лек“ за икавица. „Мислам дека пресудата е: ништо не работи. Почнува и запира самото од себе и тоа е сè што има да се каже“, вели тој за Guardian.

 

Сепак, ако икате 48 часа или повеќе (да, можно е!), веројатно е најдобро да закажете на доктор. Иако најголемиот дел напади на икање се тотално безопасни, можно е икавицата да е симптом на далеку посериозен проблем, како менингитис, удар, траума на мозокот или тумор.

Исто така постои и хронична икавица – ретка ама исцрпувачка болест која се карактеризира со икање во период од недели, месеци, години, па и декади. Ви текнува на цртанчето со Mr. Hiccup? Инспирирано е од вистински лик, кој се смета и за најнесреќниот икач во историјата. Се работи за Чарлс Озборн, кој почнал да ика во 1922 година додека на вага мерел свиња. Престанал да ика во 1990-та, една година пред да почине.

 

- Реклама -