Развојот на глобалната економија не ги исполнува очекувањата, па можна е глобална „економска бура“, предупреди денес директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) – Кристин Лагард.
„Проблемот е во тоа што гледаме дека економијата се развива многу побавно отколку што очекувавме“, изјави Лагард, според која главни фактори за нарушување на глобалната економија се „четирите облаци“.
„Меѓу тие ризици се трговските тензии и воведувањето на санкции, финансиските проблеми, несигурноста околу исходот на Брегзит и успорувањето на економијата на Кина“, објасни директорката на ММФ.
Според неа, трговските тензии – пред сè спорот околу царините меѓу САД и Кина, веќе имаат глобално влијание. Лагард укажа и на ризиците од сè поголеми трошоци за позајмувањата кои ги вршат владите, компаниите и домаќинствата.
„Кога има премногу облаци, потребен е само една молња за да започне бура“, додаде таа.
Минатиот месец ММФ го намали предвидувањето за развојот на глобалната економија за оваа година, од 3.7 на 3.5 отсто.