Денеска се потпишува протоколот за пристапување, Македонија го добива своето место во НАТО

Денеска, во седиштето на НАТО во Брисел, со почеток во 11 часот, Македонија и 29-те членки на Алијансата ќе го потпишат протоколот за членство на Македонија во НАТО.

Свое обраќање на официјалната церемонија ќе имаат генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг и македонскиот министер за надворешни работи – Никола Димитров, а ќе присуствуваат и премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана – Радмила Шеќеринска, како и други членови на владата.

„Средба со историјата!“, напиша вчера Димитров на Фејсбук.

Со денешното потпишување во Брисел на протоколот за пристапување НАТО ги отвора вратите за членство и Македонија од денеска ќе може да присуствува на сите клучни формати на Алијансата, засега без право на глас, но во својство на поканета земја, велат од македонското МНР.

Ова, воедно, ќе биде и првиот официјален документ кој Македонија ќе го потпише под новото име – Република Северна Македонија.

По денешното потпишување, почнува процесот на ратификација на протоколот од страна на парламентите на сите земји членки на НАТО. Се очекува, симболично, Грција да биде првата земја што ќе го ратификува проколот.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова лично и го честиташе изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО

„Македонија денеска го добива своето место во НАТО. Седнуваме на своето столче, на масата во НАТО-Алијансата…

… Историски чин и историски успех за нашата земја и сите наши граѓани. По години изолација, уназадување и неизвесност, Македонија седнува на иста маса со државите од демократскиот свет.

Влегувањето на Македонија во НАТО значи гарантирана безбедност и стабилност, сигурност на нашите граници но носи и значителни економски придобивки за граѓаните, пораст на инвестициите, повеќе пари, зголемен економски раст.

Потпишувањето на Протоколот е признание за напредокот во реформскиот процес, визионерството, решителноста, успехот во меѓународната политика, решавањето на отворените прашања и градењето пријателства со соседите и целиот демократскиот свет од страна на Владата предводена од СДСМ“, соопштуваат од СДСМ.

- Реклама -