Еден Французин кој порачал костим за капење за својата сопруга преку интернет, бил и те како изненаден кога го отворил тешкиот пакет и во него нашол злато во вредност од околу 20.000 евра, пренесува француски „Le Point“.
Пакетот во саботата му бил доставен на 27 годишниот Жилиен Шану од францускиот град Ван. Не го изненадила пратката, бидејќи пратка очекувал, но го изненадила содржината – француски златни пари, кованици кои датираат од почетокот на 20. век, како и златни прачки, во вкупна тежина од 700 грама.
Французинот претпоставил дека се работи за грешка при логистиката на доставата, па пакетот го однел и пријавил во градскиот комесаријат. Со помош на полицијата, наскоро бил најден и вистинскиот примател на пратката.