Околу 4.500 службеници во шведскиот Завод за вработување (Arbetsförmedlingen) во средата останаа без работа. Главната причина се буџетски заштеди и сеопфатна реформа на пазарот на трудот. Согласно истите, Агенцијата ќе затвори десетици претставништва ширум Шведска.
Државниот буџет за 2019-та во шведскиот парламент беше изгласан во средината на декември, а одлуката за едно од најголемите истовремени кратења на државната администрација во Шведска беше единствена можна последица од буџетското кратење.
Во вкупно 240 претставништва низ земјата, Arbetsförmedlingen вработува околу 13.500 луѓе. После отказите од средата, Агенцијата останува без третина од својата работна сила. Најмногу отпуштања ќе има во провинциските центри, а најмалку во големите градови. Сите отпуштени, патем, ќе останат на своите работни места до април, т.е. до завршувањето на преговорите меѓу синдикатот и челниците на Arbetsförmedlingen околу отказните услови.
Звучи чудно и некако нетипично за она што сме навикнати да го слушаме за Шведска, но не и кога ќе се земе во предвид целата реформа. Имено, иако кратењето на трошоците на Агенцијата за вработување е последица на кратењето на буџетот изгласано од партиите на десниот центар, незадоволни од ефикасноста на Arbetsförmedlingen се и од владејачката коалиција од левиот центар. Реформата, притоа, ќе оди во насока на дигитализација и повлекување на Агенцијата од улогата на главен актер во вработувањето.
Имено, според најавите, комуникацијата со невработените во иднина ќе се води преку интернет и Skype, што значи дека учесниците во разговорот (пред сè службениците) ќе можат да бидат одалечени и стотици километри. Со тоа, нема да има повеќе потреба од локалните центри на Arbetsförmedlingen во провинциските средини.
Стапката на невработеност во Шведска моментално е околу 6%, со тоа што има голема разлика меѓу имиграните и родените во Шведска. Кај овие вторите, стапката на невработеност е само 3.6% и практично работат сите што сакаат да работат. Кај доселениците, пак, стапката на невработеност е 19.9%.