80 бездомници во Чикаго останале без засолниште на брутално ниските температури откако им експлодирала една од околу 200-те пропански боци кои граѓаните им ги донирале за барем малку да се загреат и да ги преживеат температурите од околу -25 степени што го зафатија градот.
Градските власти работеле на тоа што побрзо да најдат сместување за 80-те несреќници, но во тоа ги претркал непознат доброчинител кој бездомниците ги сместил во хотел, покривајќи го целиот трошок за најмалку до крајот на неделата.
Како што велат од протестантската црква и воедно меѓународна добротворна организација – Salvation Army (Армија на спасот), тие биле подготвени да ги прифатат бездомниците по експлозијата, но биле известени дека веќе нема таква потреба. „Воодушевени сме што се на топло и безбедно“, вели претставничка на организацијата за CNN.
Таа соопшти дека идентитетот на лицето кое им помогнало на бездомниците е непознат, а не се знае ни до кога точно ќе останат во хотелот, иако судејќи по гестот, безбедно е да се претпостави дека ќе им биде платено сместување сè додека не престане поларниот студ што го смрзна дури и езерото Мичиген.