Мразот на Гренланд се топи далеку побрзо отколку што се мислеше, а можно е веќе да е дојдено и до точката од која нема враќање, покажува новото научно истражување.
Според студијата објавена во американскиот Proceedings of the National Academy of Sciences, брзината на топење на гренландскиот мраз денес е дури четири пати поголема отколку во 2003-та, пренесува Independent.
Со помош на податоците од НАСА и германскиот Климатски и гравитациски експеримент (Grace), како и GPS станицата на далечниот гренландски брег, научниците кои го следат глобалниот раст на нивото на морето ги измериле промените во ледената маса. Тие утврдиле дека на југозападот и северозападот на Гренланд најголемиот дел од изгубениот мраз не е мраз од ледниците (т.е. на вода) туку од гренландското копно.
„Предоцна е за да нема последици“
„Што и да е ова, не може да се објасни со глечери, бидејќи таму ги нема многу такви. Мора да се работи за површинска маса – мразот се топел од внатрешноста кон брегот. Тоа е затоа што атмосферата во просек е потопла. Површинската температура во тропите расте, плитката вода станува потопла, а и воздухот станува потопол“, објаснува водечкиот автор на студијата – Мајкл Бевис.
Според заклучоците од оваа студија, сé поголема количина вода истекува од Гренланд во океанот во текот на летните месеци, а тоа само дополнително ќе придонесе за растот на нивото на морето.
„Знаевме дека имаме голем проблем со зголемената стапка на губење на мразот од неколку големи ледници. Но сега гледаме друг сериозен проблем: сé повеќе, значителни количини ледена маса се губат во форма на истопена вода, како реки кои се влеваат во морето“, вели Бевис, додавајќи дека резултатите од истражувањето имаат „сериозни импликации“ по крајбрежните американски градови како Њујорк и Мајами.
Најалармантен, сепак, е заклучокот на Бевис околу тоа што нам ни преостанува да направиме околу проблемот: „Единствено што можеме да направиме е да се прилагодиме и да го ублажиме понатамошното глобално загревање. Предоцна е за да нема последици. Ова ќе предизвика дополнително зголемување на нивото на морето. Гледаме како ледената покривка доаѓа до точката од која нема враќање“.