Професионалниот гејмер Енцо Бонито го шокираше светот на мотоспортот, но и светот на гејмингот, откако на натпреварувањето Race of Champions беше побрз од Бразилецот Лукас Ди Граси, кој е поранешен пилот во Формула 1, а актуелен возач во Формула Е и шампион во сезоната 2016/2017-та.
Енцо Бонито е професионален гејмер кој се натпреварува во компјутерски тркачки симулации за Team Redline, за кои вози и Макс Верстапен. Бонито е сопственик на неколку рекорди во повеќе игри – Gran Turismo, Assetto Corsa и iRacing.
Но кога се работи за реална патека, гејмер не би имал шанси против возач кој од тоа го вади лебот, нели? Е па ете, на трката во Мексико минатиот викенд, во квалификациската рунда, Енцо беше за половина секунда побрз од Ди Граси, и тоа откако во првиот круг доцнеше над 1.7 секунда. Погледнете:
Big upset! Sim racer @EnzoBonito17 takes the scalp of @LucasdiGrassi! #ROCMexico @McLarenShadow pic.twitter.com/MMa98Pd4lP
— Race Of Champions (@RaceOfChampions) January 19, 2019
Race of Champions се одржува еднаш годишно, а редовно ги собира некои од најголемите тркачки ѕвезди. Годинава учествуваше и Себастијан Фетел, а на крајот славеше мексиканскиот рели возач Бенито Гуера.
Меѓутоа, овогодишното натпреварување покажа и дека мотоспортот и е-спортовите навистина стануваат сé поблиски. Професионалните гејмери во автомобилските симулации можат да се тркаат и во вистински симулатори направени по примерот на болидите и тркачките автомобили. Единствената разлика е што се тркаат на виртуелни стази идентични на реалните, но со многу помал ризик и многу помал трошок.
Со таквиот пристап деца уште од мали нозе можат да почнат да го стекнуваат потребното искуство за понатамошен развој во мотоспортот, каде исто така се користат симулатори за вежбање.
Енцо Бонито, пак, е пример за тоа како можат да се „одгледуваат“ идните професионални возачи во Формула 1. Дека тоа е двонасочна релација покажува и Макс Верстапен, кој е одличен и во виртуелниот свет исто каков што е и на Ф1 патеките. Тоа отвара и нови можности за професионалните возачи – наместо во пензија да преминуваат во е-спортовите, на пример.
Во меѓувреме, тешко дека некој FIFA играч ќе успее да биде конкурентен во професионален фудбал, но кај рејсерските симулации подвигов на Енцо Бонито веројатно е само почеток.