Патници цели 16 часа смрзнувале „заробени“ во приземјен авион во Канада

При сериозен студ и со мали количини храна, патниците на летот од Њуарк (Newark, Њу Џерси) до Хонгконг на United Airlines, заглавиле цели 16 часа приземјени на аеродромот Goose Bay во канадската провинција Њуфаундленд.

Кошмарот, пренесува CNN, почнал во неделата, кога во 21:31 по локално време, авионот морал принудно да слета во Goose Bay поради медицински случај. Пациентот бил симнат од авионот и одведен во болница, но тогаш почнале неволјите за останатите патници. На авионот бил утврден дефект со излезните врати – една од нив замрзнала и не се затварала, па авионот не можел повторно да полета.

Од друга страна, патниците не смееле да излезат од авионот, бидејќи Goose Bay е воена база, а преку ноќ немало царински службеници кои би ги процесирале патниците. Затоа тие биле приморани да останат во авионот.

Додека чекал на пистата авионот имал струја и греење, но надвор температурата паднала на -20 степени, па тоа не било доволно. „Смрзнуваме. Не е безбедно за деца и постари лица. Ве молиме за помош“, напишал еден од патниците на Твитер.

Прочитајте и:  Руски авион се запали при слетување во Анталија – сите патници евакуирани (ВИДЕО)

Во меѓувреме и другите патници за својата „авантура“ почнале да известуваат во живо преку друштвените мрежи, упатувајќи повици за помош до United Airlines, нагласувајќи дека измрзнуваат и дека им снемува храна. Одговорот од компанијата бил дека „екипажот на авионот прави сé што е можно да им помогне на патниците“, а дури по неколку часа, преку персоналот на Goose Bay, на патниците им биле донесени кафе и крофни.

По повеќе од 16 часа поминати во авионот, патниците добиле дозвола да го напуштат и да се префлат во друг, кој пристигнал 12 часа подоцна од најавеното. Згора на тоа, летот не продолжил кон Хонгконг, туку патниците биле вратени во Њу Џерси.

„Точката на кршење беше кога мислевме дека друг авион доаѓа по нас. Дојде, ама 12 часа предоцна“, се жали еден од патниците, кои во Њуарк се вратиле по повеќе од 24 часа по првото полетување.

- Реклама -