„Сестра ми има 10 години и побара да има Инстаграм. Еве што мислам јас“

Дека социјалните мрежи не се само за љубовните авантури на Карлеуша, доказ е текстов во продолжение објавен од Твитер корисникот @DoneeCoo, кого родителите го седнале за да го/ја прашаат за совет околу проблем со кој се соочува веројатно секое семејство со дете и пристап до интернет. Сме пишувале на долго и широко за овие теми, но @DoneeCoo во кратки црти перфектно доловува дел од главните поенти. Го споделуваме ова со надеж дека аргументите овде ќе им помогнат и на други родители со слична дилема. @DoneeCoo пишува вака:

„Дома имаме дебата, дали сестра ми треба да има Инстаграм профил. Има 10 години, и нејзиниот аргумент е дека сите деца од одделение имале.

Ме седнаа да им објаснам јас што мислам за тоа пред да донесат одлука. На страна од тоа што инстаграм бара да имаш мин 13 години за профил.

Кај мене во глава, има само дилема.

1. Соочување со софтверскиот систем создаден да останеш на него што е можно подолго преку притискање на сите можни психолошки слабости кои човекот ги има
vs.
2. Социјално-друштвено отфрлање бидејќи би била единствена што ќе нема инстаграм

На моите им презентирав 3 информации кои ги знам:

1. За секоја успешна завршена задача, мозокот ни лачи допамин. Пример, проодуваш, допамин. Положуваш испит, допамин, ти се јавува симпатијата, допамин.

За сите овие активности, треба повеќе време.

Епа, ставаш слика на инстаграм: За секое срце, горе доле допамин, исто колку било која од горните активности. Мозокот вика, ок еј, ова е добро, прави го ова почесто, те прави среќен, добро е за нашето тело.

Зависност. Се’ друго ти е скоро досадно и нетрпеливост се јавува.

2. На инстаграм има само НАЈ НАЈ НАЈ добри, среќни, успешни, забавни… итн моменти од секоја ситуација.

Односно, ќе биде изложена на лажна реалност, и потенцијално може да има чувство дека нејзиниот живот е досаден, тажен, неинтересен итн, со големо користење на инстаграм.

3. Ова е најважното за мене.

Ова делува подеднакво на сите. Разликата е што ако си повозрасен и веќе имаш воспоставено одреден животен стил со здрави навики и расудување, знаеш од каде да извлечеш моќ и сила да се справиш. Т.е. да го баталиш телефонот и да правиш поприоритетни работи.

А мало дете од 10 години, кое светот му е школо и играње се сомневам дека ја има оваа моќ само по себе, и затоа сметам дека може да биде попроблематично. И така“, пишува @DoneeCoo.

А ако ве интересира исходот од дебатата што се водела околу тоа дали неговата сестричка треба да има Инстаграм, Done вели вака:

„На крај, испадна дека од „сите“ деца, само 7 деца имаат инстаграм, па за сега статусот е дека нема инстаграм. Доста ѝ се 189385 вибер групи на кои зборат по цел ден. 😀 😀 😀 “

- Реклама -