Од 1-ви јануари сите Исланѓани се донатори на органи, по дифолт

Од 1-ви јануари 2019-та во Исланд стапи на сила нов закон за донирање органи, според кој секој полнолетен жител по дифолт е регистриран како донатор. Ако претходно човек требаше да се регистрира за да изрази желба и даде согласност неговите органи да бидат трансплантирани по неговата смрт, со новиот закон Исланѓаните треба да се регистрираат само ако НЕ САКААТ да бидат донатори.

Податоците од почетокот на годинава покажуваат дека досега повеќе од 30.000 илјади Исланѓани одбиле да донираат органи, но тоа значи дека останатите, дали од неинформираност или свесно, остануваат да фигурираат како потенцијални спасители на животи. Чисто за споредба, според податоците од 2017-та Исланд има над 338 илјади жители.

Оваа промена во законот за донирање органи е голем прогресивен чекор на исландската нација и доби пофалби и позитивни реакции и од многу други земји. Противниците на законот, од друга страна, не се пресреќни, а аргументот им е дека владата не треба да има моќ да ја решава судбината на новопочинатите тела.

Меѓутоа, покрај што овозможува опција да се откажете од донирање, владата на Исланд има и многу добра причина за ваквата промена:

Болничките експерти се согласни дека починувањето на близок е многу стресно и збунувачко време, но се согласни и дека трансплантацијата на органи е исто така временски многу чувствителна, а дека секоја конфузија во тие витални моменти може да значи живот или смрт за пациентот што чека. Со новиот закон, меѓутоа, се отстранува тој ризик и тој период на збунетост кога во тесен временски прозорец најблиските на починатиот треба да решат што ќе прават со телото. Другата предност е што со овој закон самите луѓе решаваат што со нивното тело откако ќе починат, а повеќето роднини сигурно би биле барем малку помирни кога ќе знаат дека е испочитувана волјата на изгубениот близок.

Прочитајте и:  Двајца пациенти добија бубрези од починат донор - извршена уште една трансплантација на хируршките клиники

Згора на тоа, во законот е имплементирана и клаузула според која ако најблискиот роднина е децидно против, органите на починатиот не смеат да бидат искористени.

Добар индикатор за високата свест во Исланд по ова прашање е и тоа што законот помина без премногу да се крева врева околу него – нешто што би било незамисливо, да речеме, во Македонија. Тоа е така затоа што и нема реална потреба за дискусија, бидејќи анкетите покажуваат дека иако само 10% од Исланѓаните претходно биле регистрирани како донатори, всушност огромен дел од нив се среќни да донираат, само што едноставно никогаш не се регистрирале. Што е и разбирливо -луѓе како луѓе, не размислуваат толку детално за својата смрт, а таа пак најчесто доаѓа кога не ја очекуваме.

 

- Реклама -