Артан Груби: ВМРО-ДПМНЕ и Иванов први да си пишат табли на албански

Законот за јазици е во сила и сите институции треба веднаш да почнат да се придржуваат и да го применуваат, порача пратеникот на ДУИ – Артан Груби, на прес во Собранието, откако утрово во Службен весник беше објавен Законот за употреба на јазиците (заедно со Законот за ратификација на договорот со Грција), но со фуснота, поради немањето на потпис од Иванов.

Според Груби, примената на законот нема да биде лесна, но со добра волја на институциите, оценува тој, можни се одлични резултати во спроведувањето.

Груби повика законот да го почитуваат и ВМРО-ДПМНЕ, но и претседателот Ѓорге Иванов, кого го нарече нелегитимен:

„Нелегитимниот претседател во заминување има уште два месеци во канцеларијата. Прочитајте ги законите, Уставот и Деловникот. Објавата на Законот за јазиците во Службен весник е според законот. Сметаме дека Иванов и ВМРО-ДПМНЕ треба да се надминат и да бидат први кои ќе напишат ВМРО-ДПМНЕ и на албански јазик“, порача тој.

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

Пречка за спроведувањето на законот не треба да биде ни тоа што е оспорен пред Уставниот суд. Тоа не ја одложува примената и тој мора да се почитува, смета Груби.

Во меѓувреме, за тоа ќе се грижат Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните – чие формирање е предвидено со законот, како и Инспекторатот за употреба на јазиците – кој ќе биде формиран во рамките на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон. Агенцијата ќе биде финансирана од државниот буџет, а за нејзината работа ќе бидат одвојувани по 1.7 милиони евра годишно.

 

- Реклама -