Каменос ја напушти грчката Влада

Помалиот партнер во грчката Влада, партијата на министерот за одбрана Панос Каменос,, Независни Грци“ ја напушти Владата.

Панос Каменос ги оствари заканите, се повлече од владата на Алексис Ципрас во пресрет на ратификацијата на Договорот од Преспа. Но, Ципрас се чини смирен самоуверено побара гласање за доверба во Владата, а од Атина уверуваат дека без поголеми проблеми ќе помине и ратификацијата на Договорот за името откако македонскиот парламент ја изврши својот дел од обврските.

Каменос се повлекува поради ненадминливи разлики околу како што вели националното прашање за Македонија.

„Се сретнав со премиерот, имавме долга дискусија, имаше соработка во траење од четири години во владата на национално единство, две партии од различни области се собраа и успеаја да ја одвлечат Грција од меморандумите и целта беше постигната . Прашањето за Македонија, е прашање за кое илјадници беа убиени, и тоа не дозволува јас да не го жртвувам местото во владата. Му се заблагодарив на премиерот за нашата соработка и му објаснив дека поради националното прашање оваа соработка не може да продолжи. АНЕЛ се повлекува од владата“, вели Каменос.

Премиерот Ципрас вели дека му се заблагодарил на Каменос за искрената соработка и ја прифатил неговата оставка. Вели ќе ја прифати и секој идна оставка која што ќе дојде од редовите на Независни Грци.

„Речиси четири години имавме искрена соработка со Панос Каменос иако е познато дека доаѓаме од различни политички семејства… Нашата главна цел е да ја повратиме позицијата и улогата на нашата земја на меѓународната сцена и нејзината лидерска улога на Балканот. Целта е да се осигураме дека земјата е столб на стабилноста и безбедноста“, вели Ципрас.

Грчката Владата сега е исправена пред гласање за недоверба во парламентот кое Ципрас очекува да се случи до крајот на следната недела. Тој веќе го известил парламентот да ја почне процедурата за гласањето, но и за неговата намера дека планира да го заврши мандатот со траење до октомври годинава.

Во владата во Атина сепак се чувствуваат удобно сметаат дека ги имаат потребните гласови за безбедно да го минат гласањето за доверба, а потоа и да го ратификуваат Договорот од Преспа. Последните математики на власта во Грција, според грчките медиуми, говорат дека Ципрас покрај своите сигурни 145 пратеници на Сириза може да сметаат на уште гласови од умерената партија Река, но и на дел од независните пратеници во грчкиот парламент.

Дека грчката влада ќе го заврши својот дел од обврските во однос на договорот за името уверување добил и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров. Тој вели по информацијата за оставката на Каменос разговарал со својот колега Катругалос.

Ја видов веста за министеро за одбрана на Грција и лидер на Независни Грци Каменос кој ја напушти функцијата министер за одбрана. Имав веднаш потоа кратка коресподенција со мојот колега Јоргос Катругалос и добив уверување дека грчката Влада останува силно посветена согласно со националните интереси на Грција да ја заврши работата со Преспанскиот договор.

Поради ова, вели Димитров, покорисно е да испратиме порака оти е време двете држави да го направат исчекорот кон блиско пријателство, стратешко партнерство и идни сојузници.

Kanal5

- Реклама -