Активисти од движењето на „жолтите елеци“ во Франција ги повикаа сите граѓани на земјата да ги повлечат сите пари од своите банкарски сметки.
Ваквиот метод на отпор, на кој се повикува во очи на деветтиот викенд протести низ земјата, досега не беше користен во судирот со француската влада. Демонстрантите се надеваат дека со тој потег ќе ја принудат владата на Емануел Макрон да ги уважи нивните барања, меѓу кои, пред сé, е да им се овозможи на граѓаните директно да предлагаат нови закони.
„Жолтите елеци“ почнаа да организираат протести во средината на ноември. Почнаа како отпор против најавеното зголемување на данокот на гориво, но поради масовноста и упорноста се претворија во општ израз на незадоволство од политиките на Макрон.