Одењето во шума по бадниково дрво (aka. Баднак) е стар православен обичај и во Србија, но обично не е вака „спектакуларно“ како што тоа го направил иселеник од Србија кој сега живее во Швајцарија. Имено, Љубиша Маруновиќ од Прокупље, заминал по бадниково дрво со своето луксузно Ферари, а сето тоа го снимил на видео и го објавил на друштвените мрежи. За кратко стана главна вест во српските медиуми, а на друштвените мрежи и пошироко во православниот дел од регионов.
Како што пренесуваат српските медиуми, на ваква идеја Маруновиќ дошол откако ги видел своите соседи како носат елки за католичкиот Божиќ:
„Ги гледав како ставаат елки во своите автомобили за католичкиот Божиќ, па одлучив оваа година и јас да одам по Баднак со Ферарито. Пред него исто така возев луксузни автомобили, но никогаш претходно не сум правел вакво нешто“, вели Љубиша за српски „Блиц“, кој сега живее во швајцарскиот Missy и се занимава со продажба на автоделови за луксузни автомобили.
„Секако, пред да го ставам дрвото на автомобилот, сето тоа добро го заштитивме за да не дојде до оштетувања“, додава Србинот.
Открива и како реагирале неговите соседи Швајцарци:
„Кога ме видоа, прво им беше чудно, но потоа им објаснив дека за нас баднак е исто што и за нив елка. Потоа целата таа приказна им стана симпатична“.
Секако. Сигурно и комшиите се снимале со неколку камери кога ги носеле елките. Балканска работа…