Здравица со греено вино, многу музика и оро – дебармаалци и оваа година се собраа да го прослават почетокот на новата 2019 година.
Традиционално, првото јануарско утро го поминаа во култната кафеана „Идадија“.
Се кршеше погача, па со развиорени знамиња и во весела атмосфера заиграа на Боемската улица.
„Да сте живи, здрави и весели. Секогаш да бидете со ведри мисли и му го честитам новото кумство на Роби и понатаму да ја продолжи оваа убава традиција во Дебар Маало.“ – изјави стариот кум Нестор Алексиевски.
Со топла прегратка беше поздравен новиот кум Роберт за многу здравје, среќа и бериќет во годината која претстои. Вети дека оваа дебармаалска традиција ќе се негува уште повеќе во иднина.
„Да имате убава нова година, да биде поубава од претходната, да заработиме повеќе, да се сплотиме повеќе, да бидеме здрави и живи и другата година Работнички да биде шампион во фудбал и кошарка.“ – изјави новиот кум.
Дебар Маало како место познато по боемскиот живот веќе девет децении го одржува духот на главниот град и ги гости старите скопјани во новата година.