Преговорите со Грција, постигнатиот договор кој беше потпишан во Преспа, потоа одржаниот референдум за одредбите од тој договор, како и процесот на измени во уставот како резултат на спогодбата, беа доминантните теми на политички план кај нас во изминатата година.
Ратификувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија во отсуство на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои ја бојкотираа работата на Собранието поради притворањето на неколку нивни колеги, како да најавија во која насока ќе се движат подоцнежните случувања во текот на годината. Тоа беше во средината на јануари, а неколку дена подоцна во Македонија престојуваше генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, посета која остана забележана поради неговата изјава дека не постои план Б за македонските евроатлантски интеграции, освен решавање на спорот со Грција за името на земјава.
„Нема друг начин да се влезе во НАТО без решение на проблемот со името и тоа беше јасно кажано неколкупати. Прво беше кажано на Самитот на НАТО во 2008 година, а потоа беше повторено и на самитот во Велс во 2014 година и уште еднаш на НАТО самитот во Варшава во 2016 година. Нема друг план Б за приклучување во НАТО, освен решавањето на прашањето за името“, рече Столтенберг.
Во наредните неколку месеци слични пораки доаѓаа и од високи функционери на САД и ЕУ. Значително се интензивира преговарачкиот процес меѓу Македонија и Грција, кој прерасна во министерско ниво. Шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас се сретнаа повеќе пати, билатерално или со посредство на медијаторот на ОН Метју Нимиц, а неколку состаноци одржаа и премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Целата статија на РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА