За пријателството меѓу двата народи, за позитивните ефекти во двете земји што Договорот од Преспа ќе ги донесе, откако ќе стане секојдневие за граѓаните и од двете страни на границата, во екслузивно интервју за МИА говори поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.
„Иднината му припаѓа на нашето пријателство“, е пораката што Коѕијас ја испраќа во разговорот со нашата дописничка од Атина, и притоа изразува убеденост дека „најпријателските односи меѓу државите во цела Европа ќе бидат меѓу Северна Македонија и Грција“.
„Мислам дека нема да умрам, без повторно да отидам во вашата земја. Освен тоа, имам право на тоа. Мислам дека е убава вашата земја. Морам да ви кажам дека Скопје ми се допадна повеќе со снег. Мислам дека кога ќе поминат 2-3 години и кога сите ќе видат дека животот само кон позитивно се менува со овој договор и дека ниту ние го земаме Скопје од вас, ниту вие Солун од нас и сите тие глупости што се зборуваат, тогаш мислам дека ќе бидам еден насмеан минувач низ улиците на Скопје. Ако бев помлад и имав пари, ќе купев еден голем плац во Преспа за да изградам куќа таму“, истакна Коѕијас.