Околу 25.000 луѓе синоќа излегоа на улиците на Белград на досега најмасовните антивладини протести, кои почнаа пред четири недели, барајќи оставка од министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.
Демонстрантите маршираа без инциденти и истакнати политички пароли, најавувајќи дека протестите продолжуваат на исто место на 5 јануари.
„Ова се граѓански демонстрации против ситуацијата во земјата, која веќе подолго време е политички и економски комплицирана и станува критична“, изјави еден учесник во протестот.
Овие протести се најголемиот предизвик за досегашното владеење на претседателот Александар Вучиќ и почнаа пред четири саботи, откако беше претепан опозицискиот политичар Борко Стефановиќ. Овој случај и натаму нема разврска, што е една од причините да се бара смена на министерот Стефановиќ.
Коментирајќи ги најновите протести, Вучиќ кажа:
„Подготвен сум да ги слушнам барањата на граѓаните кои демонстрираат, но не и лагите на опозицијата“.